По една година пауза, музичко-културниот спектакл „Златна бубамара“ се враќа во арената „Борис Трајковски“, но терминот на одржувањето ќе биде подоцна од вообичаеното – 12 мај. Тоа ќе биде 25. издание на „Златна бубамара“, чие мото ќе биде „Да оживееме“.
„Мотото на годинашнато јубилејно издание е ‘Да оживееме‘ со сите негови модификации, од ‘Да живнеме малку‘ до ‘Живот после животот‘ и ‘Живот за време на живот‘, со што ‘Златна бубамара на популарноста‘ во овој пролетен термин ќе нè потсети на радоста на живеењето“, велат организаторите.
Тие најавуваат дека на сцената ќе се појават најголемите музички имиња од Македонија и регионот. Информациите за продажбата на билети ќе бидат соопштени наредната недела.