„МАРВЕЛ“ ГО ПРОМОВИРАШЕ „БЛЕК ПАНТЕР 2“ И НАЈАВИ ДВА НОВИ ФИЛМА „ОДМАЗДНИЦИ“

Сан Диего, (Би-Би-Си)

Марвел“ го објави првиот трејлер за продолжението на „Блек Пантер“ насловено „Ваканда засекогаш“, што беше една од многуте најави и новини на студиото на Комик-Кон во Сан Диего. Рајан Куглер повторно е режисер, а своите улоги ги репризираат Летиша Рајт (Шури) и Лупита Њонго (Накија), додека како нов негативец беше претставен Тенох Хуерта, кој го игра Намор Мекензи, односно Саб-Маринер. Тој го води воденото кралство Атлантида и трејлерот најави конфликт помеѓу него и Ваканда.

Иако за тоа имаше спротивставени мислења, „Марвел“ претходно потврди дека никој нема да ја наследи улогата на Тчала од покојниот Чедвик Боузман, кој беше главна ѕвезда на хитот од 2018.

Шефот на „Марвел“, Кевин Фиџ, објави дека тековната четврта фаза филмови и серии ќе заврши со премиерата на „Ваканда засекогаш“ на 11 ноември и навести што следува потоа. Тоа ги вклучува новиот филм за Ентмен, третиот и последен дел на „Чувари на галаксијата“, „The Marvels“ и „Thunderbolts“, а во шестата фаза ќе излезат уште два филма од серијалот „Одмаздници“, насловени „Династијата на Канг“ и „Тајни војни“.

Основачот на Одмаздниците, Ник Фјури (Семјуел Џексон), ќе добие своја серија, насловена „Тајна инвазија“, во која ќе играат и Дон Чидл, Оливија Колман, Емилија Кларк и Реге-Жан Пејџ.