Најуспешната нова акциска франшиза „Џон Вик“ ќе добие своја телевизиска верзија, при што приказната нема толку да се фокусира врз главниот филмски лик, што го игра Кијану Ривс.
Филмските компании „Старз“ и „Лајонсгејт“ потврдија дека ќе се снима серијата „Континентал“, при што постои можност во неа да се појави и самиот Ривс, платениот убиец кој тргнува во одмазднички поход откако му го убиваат кучето.
ТВ-адаптацијата, како што сугерира и нејзиното име, ќе се фокусира на хотелот „Континентал“, што во филмот служи како луксузно засолниште за платени убијци.
„Сместена во Лос Анџелес, серијата ќе ги има и акцијата и сувиот хумор на филмовите ‘Џон Вик‘. Таа нема да наликува на ништо што досега постоеше на телевизија. Ќе изобилува со експлозивни акциски сцени и ќе открие нови ликови од тој мрачен подземен свет“, изјави извршниот претседател на „Старз“, Крис Албрех.
За автор на серијата е поставен Крис Колинс, зад кој стојат успешни проекти, како „Жица“, „Синови на анархија“ и „Човекот во високиот замок“.
Третиот дел од „Џон Вик“ е најавен за 2019 година.