Во изминатите две години, фестивалот Макфест се одржуваше на отворена сцена на градскиот плоштад и на градскиот базен во Штип, но 37. издание ќе биде во големата сала на Домот на културата „Ацо Шопов“, таму каде што започна и се одржуваше три и пол децении.
На годинашново издание ќе има 24 композиции. Вечерва од 20 часот ќе настапат 12 изведувачи, од кои шест со одлука на жирито ќе се пласираат за утрешната втора вечер, на која ќе бидат изведени 18 композиции. Шоу програмата е доверена на Игор Џамбазов.
Најавени се познати домашни имиња како Викторија Лоба, Ламбе Алабаковски и евровизиската претставничка Андреа Коевска, но и плејада млади пејачи. Ќе учествува и бившиот пејач на „Бијело дугме“, Ален Исламовиќ. Фестивалот ќе го отвори штипјанката Марија Атанасова, која во изминатите години учествувала само како придружен вокал.
Организаторот вели дека за Макфест постои голем интерес и сите билети биле распродадени уште пред десет дена.
Александар Арсовски, кој е во улога на координатор, рече дека парични награди нема да има зашто поголем дел од пејачите и авторите на композициите биле против таквиот начин на наградување.
„Општина Штип, која е покровител и главен спонзор на фестивалот, се откажа од минималните пари што ги понуди Министерството за култура од речиси 400.000 денари, наводно зашто бил рангиран во трета категорија. Решивме сами да го финансираме фестивалот и за негово одржување издвоивме над четири милиони денари, плус 1,5 милиони од спонзори“, вели градоначалникот Иван Јорданов.
Макфест е член на Меѓународната федерација на фестивалски организации, со седиште во Лос Анџелес, во која членуваат 1.600 фестивали од 102 земји.
Т. ЈОВАНОВСКИ