„Пасворд продукција“ потврди дека легендарниот германски метал бенд „Содом“ е првиот учесник на 24. издание на фестивалот Таксират, што ќе се одржи на 7 декември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Едни од основоположниците на европската треш метал сцена доаѓаат во Македонија во годината во која одбележуваат четири децении постоење, што е проследено со објавувањето на албумот „40 Years at War – The Greatest Hell of Sodom“.
Предводен од пејачот и басист Том Ејнџелрипер, „Содом“ има објавено 17 студиски албуми и ова ќе биде негово прво гостување во Македонија.
Билетите за Таксират се веќе во продажба по првична цена од 700 денари.
(Фото: Г. Конев)