Сајтот „Лонли планет“ традиционално ги избра најдобрите места што треба да се посетат во следната година, но место да состави една листа како досега, 30-те дестинации се поделени во пет категории.
„Оваа година сакавме да пробаме нешто ново и да го одразиме начинот на кој луѓето гледаат на патувањата, што не е само дестинација, туку и искуство“, изјави главната уредничка на „Лонли планет“, Нитја Чемберс, додавајќи дека почнале да ги составуваат листите уште во април.
Меѓу дестинациите и искуствата што ги препорачува „Лонли планет“ е и патувањето со воз од Истанбул до Софија, кое трае 11 часа. Во категоријата патувања се и канадската покраина Нова Шкотска, Бутан, Западна Австралија, Замбија и националните природни паркови во Колумбија, кои ги има дури 59.
За најдобри кулинарски дестинации во 2023 се избрани Умбрија (Италија), Куала Лумпур (Малезија), Фукуока (Јапонија), Лима (Перу), Јужна Африка и Монтевидео (Уругвај).
Албанија е една од најдобрите дестинации во категоријата поврзаност, покрај Аласка, Акра (Гана), Сиднеј (Австралија), Гвајана и Бојси (Ајдахо, САД).
Најдобри дестинации за опуштање се Халкидики, Јамајка, Доминика, Раџа Ампат (Индонезија), Малта и Јордан, а за учење Манчестер, Ново Мексико, Дрезден, Ел Салвадор, јужна Шкотска и Марсеј.