НОСЕНИ ОД ИЗВОРНИОТ РИТАМ, МАКЕДОНСКИТЕ ПИЈАНИСТИ МАЛКУ ПОСИЛНО СВИРАТ, ВЕЛИ ЈАПОНКАТА АСАМИ САТЕ, КОЈА ОДРЖА РАБОТИЛНИЦА ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Голем број млади пијанисти присуствуваа на мастеркласот што во концертната сала на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип го одржа јапонската пијанистка Асами Сате.

Првпат предавам пред млади пијанисти од Македонија. Сите свират многу добро и добро се научени. Навистина се прашував што да им дадам плус. Им давам само мал придонес и тие веднаш го надградуваат тоа. Ова значи дека професорите овде се добри“, кажа Сате.

Забележува дека разликата помеѓу македонските и јапонските пијанисти е во силата.

Носени од изворниот, брз ритам, македонските пијанисти користат многу повеќе сила при свирењето. Дури и кога свират класични автори, како Дебиси, нивниот локален ритам може да се забележи во настапот“, рече Сате.

Таа за ваквиот темпераментен стил на македонските пијанисти наведува и други причини.

Македонските деца уште од мали вежбаат на ‘Петроф‘ пијано, што бара многу повеќе сила, додека ние во Азија користиме ‘Јамаха‘ пијано, што е многу полесно. Тоа е голема разлика“.

Сате имала концерти во бројни светски музички метрополи, а првиот настап во Македонија го имаше пред шест години во Охрид. Пред да гостува во Штип, со мал концерт се претстави и во Скопје.

Т. ЈОВАНОВСКИ