СТЕФАНИ ФРАПАР ЈА ВОДЕШЕ ПРВАТА ЖЕНСКА СУДИСКА ПОСТАВА ВО 92-ГОДИШНАТА ИСТОРИЈА НА СП

Доха, (АП)

Деведесет и две години од првиот мундијалски меч во Уругвај, Стефани Фрапар вчера стана прва жена која судела натпревар на Светското фудбалско првенство за мажи. Триесет и осумгодишната Французинка предводеше целосно женска судиска постава на средбата Германија-Костарика (4:2), при што ѝ асистираа Бразилката Неуза Бак и Мексиканката Карен Дијас Медина.

„Имам голема почит кон сè што жените имаат освоено. И ова е уште еден чекор напред, особено во овој спорт кој е многу мачо“, изјави селекторот на Костарика, Луис Фернандо Суарес.

Фрапар со своите помошнички Неуза Бак и Карен Дијас Медина (Фото: АП)

Иако Фрапар кажа дека е изненадена што ја делегирале за СП, таа има кариера од речиси две децении. Почнала да суди на 19 години и потоа стана прва жена која била главен судија во француската втора и прва лига и во Лигата на шампионите. Во 2019 го судеше и мечот од Европскиот Суперкуп помеѓу Челзи и Ливерпул.

„Се надевам дека ќе имаме повеќе вакви случаи во иднина и дека тоа веќе нема да се смета за чудно или за вест“, изјави шефот на судиите во ФИФА, Пјерлуиџи Колина.

Фрапар е свесна дека нејзиното присуство на турнирот ќе инспирира.

„Сепак, сакам да го оставам свирчето да зборува. Не сакам да ме судат поинаку поради мојот пол, туку поради моите способности“, рече таа.

(Фото: Гети)