Скандинавските научници кажаа дека го идентификувале најстариот познат натпис кој се однесува на нордискиот бог Один, пронајден на златен диск ископан во западна Данска во 2020.
Лисбет Имер, рунолог од Националниот музеј во Копенхаген, изјави дека натписот претставува прв цврст доказ дека Один бил обожуван најрано во петтиот век, 150 години порано од претходно познатата референца – брош од втората половина на шестиот век откриен во северна Германија.
Дискот со натписот „Тој е човек на Один“ бил дел од ризница во која имало околу килограм злато. Експертите веруваат дека била закопана пред 1.500 години.
„Тоа е еден од најдобро изведените рунски натписи што сум ги видела“, кажа Имер.
Один бил еден од главните богови во нордиската митологија. Нордијците обожувале многу богови и секој од нив имал различни особини.
(Фото: АП)