ПАНК ИКОНАТА ЏОН ЛАЈДОН И НОРА ФОРСТЕР ПОМИНАА ВО БРАК 44 ГОДИНИ, ПОРАДИ НЕА САКАШЕ ДА НАСТАПИ И НА ЕВРОВИЗИЈА

Лондон, (Би-Би-Си)
Bmi London Awards, Britain - 15 Oct 2013, Nora Forster And John Lydon Recipient Of Bmi Icon Award (Photo by Brian Rasic/Getty Images)

Панк иконата Џон Лајдон, попознат како Џони Ротен, објави дека неговата сопруга Нора Форстер (80) почина по повеќегодишна борба со Алцхајмерова болест. Некогашниот фронтмен на „Секс пистолс“ 44 години беше во брак со Германката Форстер, која беше наследничка на издавачки бизнис.

Во изминатите години, додека болеста ѝ напредувала, Лајдон станал нејзин посветен негувател и дури напиша песна за неа, со која сакаше да настапи на годинашната Евровизија, но не успеа да се квалификува како претставник на Ирска.

Лајдон ја запознал 14 години постарата Форстер во бутикот на Вивиен Вествуд и Малколм Мекларен во 1975, непосредно пред експлозијата на панкот на музичката сцена, чиј предводник беше токму „Секс пистолс“. Иако потекнувала од богато семејство, Форстер во тоа време работела како музички промотор. Се венчаа во 1979, кога Лајдон веќе ја формираше својата нова група „Паблик имиџ лимитед“.

Нејзината ќерка Аријана, од првиот брак со пејачот Френк Форстер, подоцна се прослави како Ари Ап како пејачка на панк бендот „Слитс“. Таа почина од рак на дојка на 48 години во 2010, по што Лајдон и Форстер станаа законски старатели на нејзините три деца.

Лајдон во едно интервју кажа дека Форстер почнала да ги покажува првите знаци на болеста по смртта на ќерка ѝ. Болеста и формално ѝ беше дијагностицирана во 2018, по што Лајдон ја презеде целосната грижа за неа.

(Фото: Гети)