Американската бизнисменка и ТВ-личност Марта Стјуарт стана најстарата жена која позирала во костим за капење за списанието „Спортс илустрејтед“. Осумдесет и едногодишната Стјуарт е еден од четирите модели избрани за годинашното специјално издание, покрај актерката Меган Фокс, музичарката Ким Петрас и манекенката Брук Нејдер.
Стјуарт била фотографирана во различни костими на Доминиканска Република. Фотосесијата ја правел колумбискиот фотограф Рувен Афанадор.
„На овој начин сакав да инспирирам други жени. Не размислувам толку многу за мојата возраст, но мислев дека ова е историска шанса“, изјави Стјуарт.
Стјуарт отворила бизнис со кетеринг во 1970-ите, а потоа почна да пишува книги за готвење и го покрена своето сопствено списание „Марта Стјуарт ливинг“. Тоа прерасна во медиумско царство, што ја направи милијардерка.
Пред неа, најстарата жена која позираше за „Спортс илустрејтед“ беше мајката на Илон Маск, Меј Маск, која го направи тоа на 74 години.