По повеќе од 100 години пауза, жителите и туристите повторно ќе можат да се капат во Сена во Париз од 2025, објави градоначалничката Ан Идалго. Таа кажа дека се избрани три локации кои ќе бидат отворени за јавност, од кои две се блиску до Ајфеловата кула.
Пливачките области ќе бидат оградени со бови, а ќе се постават и соблекувални и тушеви.
Капењето во Сена е долгогодишна желба на парижаните. Пливањето во градот официјално беше забрането во 1923 година поради лошиот квалитет на водата, но некои продолжија да го практикуваат до 1960-ите.
Проектот сега беше поттикнат од Олимписките игри 2024 во Париз, при што некои од пливачките натпреварувања ќе се одржуваат во Сена. Градот досега инвестираше околу 1,4 милијарди евра во прочистувањето на Сена во пошироката област на Париз.
(Фото: Унсплеш)