Од 14 до 18 ноември, во Скопје ќе се одржи студентскиот театарски фестивал Скомрахи, кој годинава е под мотото „Дали ни е гајле?“. Ќе настапат студенти од драмските академии од Словенија, Србија, Црна Гора, Белгија и Украина, како и од Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје.
Фестивалот ќе се отвори на 14 ноември во Македонскиот народен театар со претставата „Дома“ од Људмила Разумовска, во изведба на студентите по актерска игра на ФДУ од класата на доцентот Ангелчо Илиевски.
Покрај претставите, ќе има разговори со учесниците, работилници, предавање, промоција на списанието „Арс академика“ и музичка програма. Годинава, првпат ќе се реализира програмата „Скомрахи размени“, со заеднички активности на студентите од ФДУ, Факултетот за ликовни уметности и Архитектонскиот факултет.
Програмата ја осмислуваат и реализираат студентите од ФДУ, а целта е преку театарот да се отворат прашања што ги засегаат младите и современото општество.