МАКЕДОНСКИТЕ ЕДРИЛИЧАРИ СЕ ВРАЌААТ НА МЕЃУНАРОДНАТА СЦЕНА ПО 13 ГОДИНИ ПАУЗА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По 13 години пауза, македонското едрење се враќа на меѓународната сцена. Македонската репрезентација составена од 12 едриличари ќе настапи на Европското првенство за класата оптимист, кое се одржува од денеска до 21 јули во Солун и на претстојното Светско првенство за класата ласер-илка 4, чиј домаќин од 23 до 31 јули ќе биде Волос, Грција.

На ЕП во Солун, Македонија ќе ја претставуваат седумтемина најдобри едриличари според ранг-листата во последните три години: Мила Булатовиќ, Гала Булатовиќ и Павел Стоев од ЕК Акватика јахтинг од Охрид и Андреја Кавај, Андреа Чуркоска, Марко Милески и Стефан Баракоски од ЕК Снегар од Струга, предводени од тренерите Драган Челешоски и Елена Аслимовска. На шампионатот ќе учествуваат 300 натпреварувачи од 47 земји.

По 13 години се враќаме меѓу најдобрите во светот. Последниот голем настап го имавме на Европското првенство во Словенија во 2010. Имавме застој потоа, а сега со континуирана работа создадовме нова генерација квалитетни едриличари“, вели Драган Челешоски, тренерот на Снегар.

На Светското првенство во Волос, Македонија ќе ја претставуваат Софија Ставрева, Илина Гаџовска и Евгенија Ставрева од Акватика јахтинг и Мерт Лушо и Матеј Кавај од Снегар.