СИНЕДЕЈС СЕ ЗАТВОРА СО МАКЕДОНСКАТА ПРЕМИЕРА НА „БИЗНИСОТ НА ЗАДОВОЛСТВОТО“ НА ГОЦЕ ЦВЕТАНОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со македонската премиера на дебитантскиот игран филм на Гоце Цветановски, „Бизнисот на задоволството“, вечерва се затвора 22. издание на фестивалот на европски филм Синедејс. Овој политички трилер минатиот месец беше прогласен за најдобар долгометражен филм на фестивалот „Во палатата“ во Софија, каде што ја имаше и светската премиера.

„Бизнисот на задоволството“ е еден од првите македонски филмови кој се снимаше додека на сила беа строгите ковид мерки. Приказната следи новинарка која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа на трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото.

По повод премиерата, во галеријата над бифето на МКЦ ќе се отвори изложба на фотографии од снимањето на филмот, дело на Маја Аргакијева и Марко Угарковиќ.

(Фото: Фејсбук)