Четири години откако имаше операција на мозокот предизивикана од инфекција (абсцес), беровчанката Ангела Здравковска вчера учествуваше на Скопскиот маратон и ја изоде хуманитарната трка од пет километри. До минатата година, Здравковска се движела со помош на патерици и сега е горда што со поддршка од најблиските се охрабрила да учествува на маратонот.
„Во октомври се навршуваат четири години откако почнав повторно да дишам со полни гради после операцијата. Имав трауматична повреда на мозокот предизвикана од абсцес. Патериците ги тргнав во 2022 по интензивна терапија во Нови Сад, но и со многу работа на себе и прифаќање на ситуацијата. Откако се прифатив, работите почнаа да се менуваат на многу подобро. Умот е клучот, велат, и не згрешиле“, се сеќава Здравковска.
Таа е магистерка по право на интелектуална сопственост и работи како правничка во приватна фирма. Претходно се занимаваше со музика и има снимено неколу авторски поп песни.
Во октомври 2019, додека била на тим билдинг со колегите во Грција, почувствувала големи главоболки кои станале поинтензивни и почнале да ѝ пречат светлината и метежот. По два дена ја хоспитализирале. По снимката од магнетната резонанца, прва ја дијагностицирала мајка ѝ, која е општ лекар. Сето ова е зад неа, а Ангела сега сака да зборува само за убавите нешта.
„Маратонот не бил на моја листа и кога бев 100% активна. Во мај годинава решив да ги земам работите во свои раце и да правам работи кои никогаш не сум ги направила претходно. Една од нив беше учество на маратонот. Годинава за помалку од еден месец учествував дури на два. Цело лето се трудев да се спремам, каде ако не во најубавото место, Берово. Силата си ја наоѓав во себе. Од учење чекори во 2019 стигнав до маратонот. Претходно си реков: ‘Сакам нова Ангела‘. Еве ја: посмела, похрабра, успешна“.
Морална поддршка и ветер во грб овојпат ѝ била сестра ѝ.
„Само јас и нејзината помала ќерка можеме да ја разбудиме вака рано и да не ни префрли. Прекрасни луѓе имаше на маратонот. Посебно ме радува што видов пријатели со кои долго време се немав видено, па разменивме по некој бакнеж во воздух и прегратка. Искрено, освен што во еден момент помислив на тоа колку далеку стигнав последниов период, не мислев на ништо друго, само уживав. И беше предобро! Честитки за целата организација дефинитивно, посебно за Горде“, кажа Здравковска.
Најубавиот дел од настанот за неа биле последните две минути, луѓето кои ја бодреле застанати на целта и зборовите на водителот Димитар Атанасовски.
„Кое ежење беше да си го слушнеш името од луѓе кои не знаат ништо за тебе, ни за борбата што ја водиш, а ти даваат поддршка. Не само на мене, туку на сите натпреварувачи. Сестра ми истрча напред за да ме снима и бодри, бидејќи се трудев да си го срушам рекордот од битолската трка ‘Трчај бе’ и замисли, за 12 минути бев подобра. Збровите на Димитар ‘Ајде Анѓо’ го означи крајот на мојот натпревар сама против себе. И успеав. Јас сум победникот“.
Ангела им е благодарна на сите кои ја поддржувале да успее во замислената цел и сега со голем ентузијазам подготвува нова музика.
М. ЏАРОВСКА