ИМАМЕ КОНЦЕПТ ЗА „ГЛУМЦИТЕ ПЕАТ“, НО НЕМАМЕ САЛА, ВЕЛИ МАЈА БАБИЌ ЕДНА ГОДИНА ПО СМРТТА НА ТАТКО Ѝ, АКТЕРОТ МАРИН БАБИЌ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Речиси една година по смртта на актерот Марин Бабиќ, неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ веќе го подготвуваат новото издание на манифестацијата „Глумците пеат“, кое ќе се одржи во март следната година. Бабиќ, кој е творец на „Глумците пеат“, почина на 16 октомври минатата година по кусо боледување.

Ќерките на Бабиќ во чест на татко им ги вратија „Глумците“ на сцената лани по 17 години пауза. По шоуто, кое се одржа во април, тие изјавија дека би сакале да продолжи и следната година поради желбата која ја имал татко им.

„Веќе сме речиси подготвени за следното издание на шоуто, кое ќе биде поразлично од минатата година. Ќе биде тематско, повеќе како претстава. Ги имаме избрано концептот и песните, останува да се одберат актерите. Единствениот проблем со кој се соочуваме, како и сите организатори и продукции, е немањето соодветен и слободен простор“, ни изјави Маја Бабиќ, организаторка на настани и продуцентка.

Таа вели дека одлуката за продолжување на шоуто ја донеле уште лани, со оглед на успешноста на минатогодишното издание.

„Манифестацијата остана како наследство од Марин, но и тој додека беше жив велеше дека ова шоу не е негово и не е за него, туку е за глумците, а најмногу за промовирање на младите актери. За жал, Универзалната сала, каде што шоуто се одржуваше, очигледно нема да биде готова до март следната година, така што ние сега се фокусираме да најдеме соодветен простор. Интересот на публиката е голем, а капацитетот на расположливите сали е многу мал“, ни кажа Бабиќ.

На комеморацијата за Бабиќ лани во Драмски, Маја рече дека со сестра ѝ соработувале со татко им на „Глумците пеат“ и дека уживале во тој негов животен проект, како и дека им го оставил како аманет кога-тогаш да го обноват. Планирано е манифестацијата да се одржи на 26 март, во чест на Светскиот ден на театарот.

М. ЏАРОВСКА