ПРОМОЦИЈА НА НОВИОТ АЛБУМ НА ТРИОТО НА ФИЛИП БУКРШЛИЕВ СО НАСТАП ВО ЖИВО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Филип Букршлиев, еден од најпродуктивните македонски џез музичари, денеска (13 октомври) ќе го промовира новиот албум на своето трио, што се случува во пресрет на 42. издание на Скопскиот џез фестивал. Албумот „All the Sad Words in the Beggar’s Dictionary“ е јубилејното 50. издание под етикетата на СЏФ.

Промоцијата ќе се одржи во „Аудиокултура“ во Скопје, со почеток во 19:30 часот. Ќе биде проследена со краток настап во живо, при што ќе биде отсвирен дел од новиот материјал.

Покрај Букршлиев, триото го сочинуваат уште контрабасистката Андреа Мирческа и тапанарот Славчо Коцев, а на албумот гостува Константин Хаџи Коцев (пијано, синтисајзер).

„Станува збор за девет композиции кои им пркосат на конвенционалните обрасци за стилски и жанровски опис. Албумот претставува своевидна звучна сеанса, која ги повикува слушателите да ги дешифрираат неговите таинствени кодови“, стои во најавата на промоцијата.