АКО ВЕРУВАШ, И ОД МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА СЕ ДОПРЕ ДО СВЕТОТ, ВЕЛИ ГАРО ТАВИТЈАН, КОЈ СТАНА ЗАШТИТНО ЛИЦЕ НА АМЕРИКАНСКА ФИРМА ЗА МУЗИЧКИ ИНСТРУМЕНТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музичарот Гаро Тавитјан стана заштитно лице на американската фирма за музички инструменти „Дадарио“, со која претходно сорабoтувале и славните гитаристи Џими Хендрикс и Стив Вај. Тавитјан јуниор ќе биде нејзин соработник на меѓународно ниво.

Гаро Тавитјан вели дека е горд на поканата за соработка со компанијата која ги произведува најпопуларните жици за гитара во светот, како и пластиките „Еванс“, за кои вели дека се технолошки најсовршените за тапани.

 

„Пред неколку години, агент на компанијата дознал за мене и за нашата работа со ‘Тавитјан брадрс’ и дошол на нашиот концерт во Карнеги хол во Њујорк. Јас не знаев дека бил во распродадената сала и години подоцна, кога станав соработник на фирмите ‘Зилџан’, ‘Вик фирт’ и ‘Сонор’ и се појавив во магазинот ‘Модерен тапанар’ (Modern Drummer), каде имам и официјална видеообјава со добитници на Греми, пројавиле интерес да ме побараат. За мене, ова е огромна привилегија, бидејќи во нивната историја се највлијателните светски музичари“, ни изјави Тавитјан.

Тавитјан стана заштитно лице на фирмата „Дадарио“, со која претходно сорабoтувале познати музичари. (Фото: Фејсбук)
„Иако имав многу студиски проекти, соработки со добитници на Греми и безброј патувања и настапи низ сите континенти, јас сум само еден музичар од Скопје кој откри дека и од Скопје и од Македонија е можно да се допре до светот“, вели тапанарот и син на легендарниот Гарабет Тавитјан.
Додава оти никој не треба да се откажува од своите соништа.
„Ниту успехот не помага и не е толку важен ако како луѓе не сме добри едни кон други“, вели Тавитјан.
М. ЏАРОВСКА