ГАРО ТАВИТЈАН ПРОМОВИРАШЕ МАКЕДОНСКИ РИТМИ НА СВЕТСКИТЕ МУЗИЧКИ ПЛАТФОРМИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Тапанарот Гаро Тавитјан презентираше едукативно-музички материјал за македонските ритми на најголемите светски тапанарски платформи, со што седумосминскиот такт и традиционалните ритми за првпат добиваат јавно достапна презентација на глобално ниво.

Станува збор за авторски видеолекции, нотни транскрипции и стручни објаснувања, кои се објавени на платформите Драмерворлд“, Зилџијан“, Драм трејнер“, „Драм дог“, Оф бит“ и други. Во нив, Тавитјан детално ги објаснува македонските неправилни ритми, со акцент на тактот 7/8, неговите акцентски поделби и практичната примена во современото тапанарство.

„Материјалот вклучува и анализа на традиционалното оро ‘Тешкото‘, како и авторски концепти, преку кои македонските ритми се претставени на разбирлив начин за светската музичка заедница. Посебен акцент е ставен на синкопите и акцентските целости, објаснети преку комбинација од традиционален тапан и модерен сет на тапани. Оваа објава претставува значаен чекор, бидејќи ваков тип на стручна и систематизирана презентација на македонските ритми досега не била достапна на овие влијателни глобални платформи“, вели познатиот музичар.

Тавитјан додава дека македонското музичко наследство добива значајна промоција и можност за изучување од страна на тапанари, музичари и едукатори низ светот.

М. ЏАРОВСКА