КЕВИН СПЕЈСИ ЈА ОБНОВУВА АКТЕРСКАТА КАРИЕРА ВО ЕВРОПСКИ НИСКОБУЏЕТНИ ФИЛМОВИ

Берлин, (Дојче веле)

Откако беше ослободен од обвиненијата за сексуално злоставување, двократниот оскаровец Кевин Спејси планира камбек, но во нискобуџетни филмови. Тој се обидува да почне ново поглавје откако неговата кариера доживеа голем пад во екот на кампањата #MeToo и бројните обвинувања за сексуално вознемирување.

Поради тоа, беше отфрлен од неговите менаџер и портпарол, го исфрлија од хит-серијата „Куќа од карти“ и му беше замрзнат филмскиот проект „Гор Видал“. Спејси исто така беше отстранет од веќе снимениот филм „Сите пари на светот“, при што режисерот Ридли Скот мораше одново да ги снима овие сцени, но со Кристофер Пламер.

Враќањето на Спејси не значи дека тој во скоро време ќе добива главни улоги во блокбастери во Холивуд. Место тоа, Спејси се појавува во опскурни, нискобуџетни остварувања.

Лани имаше споредна улога во италијанската драма „Човекот кој го осмислил Господ“, во режија на Франко Неро. Филмот не се прикажуваше надвор од Италија, а дијалозите на Спејси беа натсинхронирани од локален актер. Исто така, Спејси го играше некогашниот хрватски претседател Фрањо Туѓман во играно-документарниот филм „Беше еднаш во Хрватска“.

Во најава се и два проекта на Спејси за следната година: тој ќе биде гласот на ГПС-систем во нискобуџетниот британски трилер „Контрола“ и ќе глуми во британската акциона комедија „Питер пет осум“. Но, прерано е да се каже дали кој било од овие филмови е големото враќање на Спејси на малите и големите екрани.

Впечатливо е дека Спејси добива понуди за работа само од Европа, што беше случај и со други истакнати престапници од светот на филмот, како Роман Полански, Вуди Ален и Џони Деп.