Стрип-издавачот „Бункер“ го издаде деветтиот графички роман во eдицијата „Апсолутни почетници“, „Везење“ од француско-иранската авторка Марџан Сатрапи. Издавачот вели дека во ова дело Сатрапи го обединува гласот на цела палета ирански жени.
„Непретенциозен и духовит, искрен и шокантен, овој графички роман не губи од актуелноста и дваесетина години по неговото прво објавување, посебно поради проблемот со континуираното губење на правата на жените во иранското општество“, велат од „Бункер“.
Сатрапи е позната француска авторка на стрипови и книги за деца, режисерка и писателка од иранско потекло. Редовно пишува за реномираните светски весници, меѓу кои се „Њујорк тајмс“ и „Њујоркер“, а заедно со Венсан Перон го напиша и го режираше анимираниот филм „Персеполис“, кој беше номиниран за Оскар.
Графичкиот роман „Везење“ доживеа голем успех во Франција каде за кратко време беа објавени неколку нови изданија. Преведен е на голем број јазици. Правата и материјалите за македонското издание ги обезбеди Францускиот институт во Скопје, а преводот од француски јазик е на Јоана Хаџи-Лега Христоска.