КРАТКИОТ ФИЛМ „ДАЛИ СИ МАЖ“ НА ЃОРЧЕ СТАВРЕСКИ ОД 1 ЈАНУАРИ НА „ЕЈЧ-БИ-О МАКС“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Краткиот игран филм „Дали си маж”, по сценарио и режија на Ѓорче Ставрески, од 1 јануари 2024 ќе се прикажува на една од најголемите стриминг платформи „Ејч-Би-О Макс“, соопшти продуцентката на филмот Ивана Шекуткоска.Ова е втор филм на Ставрески на платформата, откако неговото долгометражно деби „Исцелител“ играше во 2018.

 

„Дали си маж” е продукција на „Минимал колектив“ од Скопје и „Сет сеил филмс“ од Белград, а копродуцентка е Андријана Софраниќ-Шуќур.

Главната улога ја игра деветгодишниот Данило Ивановски, а во останатите улоги се Душица Настова, Сашко Коцев, Драгана Костадиновска, Александар Микиќ, Анастасија Ласовска, Ѓорѓе Нешковиќ, Лила Милиќ и Мими Таневска-Србиновска. Кастинг директорка е Билјана Драгиќевиќ-Пројковска.

„Ова е голем успех за продукцијата ‘Минимал колектив’, за актерите и екипата и уште еден подвиг на македонската кинематографија. Љубителите на кратката форма филмови во 21 земја во Европа, вклучувајќи ја и македонската публика, ќе можат да го погледнат филмот од 1 јануари 2024 на европскиот сервис на ‘Ејч-Би-О Макс’“, вели Шекуткоска.

Директор на фотографија е Наум Доксевски, сценограф Симо Бранов, костимограф Жаклина Крстевска, шминката е на Жанета Димитриевска, а снимател на тон е Бојан Паликуќа. Монтажата ја изработи Мартин Иванов.

Дистрибутер на филмот е француската компанија „Премиум филмс“ од Париз. „Дали си маж” е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија и од Филмскиот центар Србија.

(Фото: Минимал колектив)