САУДИСКА АРАБИЈА ЌЕ ЈА ГРАДИ ПРВАТА ОБЛАСТ ЗА Е-СПОРТОВИ И ВИДЕОИГРИ НА СВЕТОТ

Ријад, (Дезин)

Архитектонското студио „Популус“ го објави дизајнот на „Е-спортс арена“ во Саудиска Арабија, која ќе се наоѓа во првата област за е-спортови и видеоигри на светот. Таа е замислена како централна точка во забавниот мегапроект „Кидија“ во Ријад, кој треба да го зајакне спортско-културно-забавниот живот во земјата.

Арената е првиот најавен проект во оваа област, која претставува еден од 14-те „гига-проекти“ што ќе се градат низ земјата до 2030 година. „Кидија“ ќе биде дом на четири сали специјализирани за е-спортови.

„Е-спортс арена“ ќе има над 5.000 седишта и ќе биде составена од шест заострени трапезоидни форми, обложени со неонски светла. Според студиото, арената ќе биде опремена со најмногу видеоекрани од сите слични сали на светот.

Во седиштата ќе биде вградена таканаречената 4-Д хаптичка технологија, што ќе им овозможи на посетителите да го почувствуваат целото искуство на посебен начин.