САУДИСКА АРАБИЈА ЌЕ ВЛОЖИ ШЕСТ МИЛИЈАРДИ ЕВРА ВО ИЗГРАДБА НА ЗАБАВНИ ТЕМАТСКИ ПАРКОВИ КАЈ ПАРИЗ

Париз, (Би-Би-Си)

Саудиска Арабија ќе потроши шест милијарди евра за изградба на огромен забавен комплекс со три тематски паркови во близина на Париз, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.

Макрон и саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман потпишаа договор за изградба на она што францускиот лидер го нарече „нова глобална дестинација“. Се очекува таа да создаде 22.000 работни места.

Огромниот проект, за кој Макрон кажа дека ќе вклучува и хотели, угостителски објекти и сместувачки капацитети за млади работници и студенти, ќе се гради на местото на некогашниот „Мираполис“, огромен тематски парк кој е затворен од 1991 година. Меѓу парковите што ќе се градат е и еден посветен на мангата (фото).

Проектот треба да вклучи и 50.000 квадратни метри зелени површини. Неговите инвеститори велат дека планираат проектот да биде пример од еколошка перспектива и катализатор за развој и за локалното подрачје и за Франција како туристичка дестинација.

Сепак, во оваа фаза не се знае кога проектот ќе биде завршен.

(Фото: Гети)