Најжешкиот тренд во автоиндустријата моментално е архитектурата. По слични проекти на „Бентли“, „Порше“, „Ламборгини“ и „Астон Мартин“, и „Мерцедес-Бенц“ ја најави својата прва станбена зграда, што ќе биде супервисок облакодер во Дубаи. Германската компанија ќе го прави во соработка со инвеститорот „Бингати“.
Именуван „Мерцедес-Бенц плејсис“, облакодерот ќе биде висок 341 метар и ќе се гради близу Бурџ Калифа, највисоката зграда на светот. Ќе има 65 ката и ќе биде прв брендиран станбен имот на „Мерцедес-Бенц“.
„Со оваа зграда одиме подалеку од автомобилите, за да создадеме неверојатни моменти со нашиот бренд“, изјави Брита Зегер, членка на управниот одбор на „Мерцедес-Бенц“.
Малку детали се објавени за зградата, освен дека ќе биде една од највисоките во градот. Ќе содржи 225 апартмани, плус ресторани, теретана и изложбени простори. Најавено е дека зградата треба да биде готова во 2026 година.