На 29 март во Националната опера и балет ќе се одржи шоуто „Глумците пеат“, кое минатата година се одржа во април во истата сала по 17 години пауза.
„Ова издание ќе биде тематско, повеќе како претстава. Ги имаме избрано концептот и песните“, изјави Маја Бабиќ, организаторка на настани и продуцентка.
Таа е ќерка на актерот Марин Бабиќ, кој ги создаде „Глумците“, а лани со нејзината сестра Ира го вратија шоуто на сцената во негова чест. Марин Бабиќ почина на 16 октомври во 2022 по кусо боледување.
„Манифестацијата остана како наследство од Марин, но и тој додека беше жив велеше дека ова шоу не е негово и не е за него, туку е за глумците, а најмногу за промовирање на младите актери“, додаде Бабиќ.
На 5 јануари, во Маврово се одржа реприза на ланското шоу на „Глумците пеат“ со дел од актерите кои настапија во Скопје. Режисер е Дејан Пројковски, а актерите ќе пеат со Биг бендот, со кој ќе диригира Љупчо Мирковски, исто како и лани.
Фото: Тања Кочовска на ланскиот настап на „Глумците пеат“ (Фото: О. Ацевски)