СО ОБИЧЕН ПРОГЛАС ОД ДАНСКАТА ПРЕМИЕРКА, ФРЕДЕРИК ДЕСЕТТИ СТАНА НОВ КРАЛ НА НАЈСТАРАТА МОНАРХИЈА ВО ЕВРОПА

Копенхаген, (Гардијан)

Нова ера започна во данската монархија откако премиерката Мете Фредериксен вчера го прогласи принцот Фредерик за нов крал на балконот на палатата Кристијансборг во Копенхаген. Со тоа заврши 52-годишното владеење на Маргрет Втора, која во новогодишното обраќање неочекувано објави дека ќе абдицира на 14 јануари.

Десетици илјади луѓе се собраа на улиците на Копенхаген за да ги поздрават Фредерик и Маргрет, која е првиот дански монарх по речиси 900 години кој доброволно се повлекол од престолот. За разлика од Велика Британија, во Данска нема раскошна церемонија на крунисување на новиот монарх, туку тоа се прави со официјално прогласување од премиерот.

Да живее кралот Фредерик Десетти“, кажа Фредериксен.

Тој на балконот беше придружуван од сопругата, новата кралица Мери и нивните четири деца, од кои 18-годишниот син Кристијан е првиот престолонаследник.

Мојата надеж е дека ќе бидам обединувачки крал. Тоа е задачата на која ѝ пристапував целиот мој живот и што ја преземам со гордост, почит и радост“, кажа новиот крал.

Фредерик и Мери, кои се запознаа во бар за време на Олимписките игри 2000 во Сиднеј, добиваат нови улоги во периодот кога данската монархија ужива голема поддршка во јавноста. Данската монархија потекнува од викиншкиот крал Горм Стариот од 10. век, со што е најстарата во Европа и една од најстарите во светот.

(Фото: АП)