Мал егејски остров прво стана целосно енергетски самостоен, а потоа засекогаш ја затвори локалната депонија, станувајќи прв остров со нула отпад.
Тилос е сместен во југоисточниот дел на Егејското Море и на прв поглед изгледа како типичен грчки, медитерански остров, но е уникатен дури и во светски рамки. До него за околу два и пол часа може да се стигне од Кос или Родос.
Тилос отсекогаш бил отворен за нови, напредни идеи и неговите 700 постојани жители имаат стекнато големо искуство низ разни проекти. Островот се одликува со фантастичен биодиверзитет, па тие веќе неколку години живеат во национален парк.
Од 2019, кога тука беше отворена првата хибридна ветерно-соларна електрана во Грција, Тилос може да се пофали со потполна енергетска самоодржливост. Уследија помали подобрувања, како бесплатни станици за полнење електрични автомобили и автобуси, а следниот голем чекор беше намалување на отпадот.
Проектот „Just Go Zero“ го финансира и надгледува грчката компанија „Полигрин“, чија цел е да го претвори Тилос во зелен остров со нула домашен отпад. На островот моментално се рециклираат над 80% отпад, што е најголема стапка на светот, откако пред почетокот на проектот 87% завршувале на депонија.
Денес на островот нема корпи за отпад, депонијата е затворена, а на нејзиното место е изграден центар за креативно рециклирање. Секое домаќинство има кутии за отпад што може и што не може да се рециклира, кеси за органски отпад и кутија за отпушоци, а отпадот се собира од врата до врата. Жителите преку апликација можат да следат колку отпад се рециклира.
Целиот отпад оди во центарот за креативно рециклирање, каде што се сортира и насочува во рециклирање или компостирање.
Се разбира, и туристите мора да се придржуваат до строгите еколошки правила на островот.
(Фото: Шатерсток)