ПАНТАЛОНИТЕ НА НОРВЕШКИОТ КАРЛИНГ ТИМ СЕ ХИТ И ВО ПЈОНГЧАНГ

Пјонгчанг, (Си-Ен-Ен)

Кога се гледа карлинг натпревар, се добива впечаток дека сите на мразот многу се трудат и вршат одлична работа, но во суштина, малкумина знаат што точно се случува.

Бидејќи е вистински популарен во само неколку земји на светот, Норвежаните редовно се трудат тоа да биде спорт за којшто се зборува и за тоа се заслужни нивните стилизирани панталони.

Денеска, за Денот на вљубените, тие излегоа на терен цели во розеви и црвени срциња.

„Ова беше во чест на Валентиново“, кажа норвешкиот репрезентативец Томас Улсруд по поразот од Јапонија.

Норвежаните ја почнаа оваа мода на Зимската олимпијада 2010 во Ванкувер (Фото: Гети)

Токму тој прв ја почна оваа мода на Зимските олимписки игри 2010 во Ванкувер, кога сфатил дека носењето класични црни панталони е здодевно и влезе во легендите. Денес, како што вели, модата ја избира неговиот тимски колега Кристофер Све.

„Све е господарот на панталоните. Во зависност од неговото расположение, тој пред натпревар ми кажува што ќе носиме. Што и да ми даде, јас играм во тоа. На тимот му се допаѓа да носи шарено, а и на гледачите им е интересно“, вели Улсруд.