Еден од најголемите метал бендови на сите времиња „Металика“ е годинашниот добитник на наградата „Полар“, што ја доделува шведската музичка фондација на Стиг Андерсон како своевидна Нобелова награда за музика.

Легендарната четворка од Лос Анџелес е првата метал група на која ѝ се укажува ваква част, со што влезе во друштвото на Пол Мекартни, Квинси Џонс, Елтон Џон, Брус Спрингстин, Реј Чарлс, Стиви Вондер, Боб Дилан, „Пинк флојд“, „Лед цепелин“…

„Уште од времето на Вагнер и Чајковски, никој не создал музика која е толку физичка и бесна, а толку достапна. ‘Металика‘ ја однесе рок музиката до места на коишто никогаш не била. Во светот на ‘Металика‘, и обична тинејџерска соба и голема концертна сала се претвораат во Валхала“, се вели во објаснувањето на жирито.

Како награда, членовите на бендот во јуни во Стокхолм ќе примат чек од еден милион шведски круни (90.000 фунти), за кој кажаа дека ќе го донираат во хуманитарни цели.

Втор годинашен лауреат е Националниот музички институт на Афганистан, кој го помага музичкото образование на сирачиња и на деца од улица.