НОСЕТЕ ГИ ДЕЦАТА ВО ТЕАТАР, ВЕЛИ АКТЕРКАТА МИРЧЕВСКА ЗА СВЕТСКИОТ ДЕН НА ДЕТСКИТЕ ТЕАТАРИ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

Секој театарски работник и секој уметник да се посвети повеќе на создавање дела за деца или работа со децата, вели актерката од Битолскиот театар, Јулијана Мирчевска, претседателка на Македонскиот национален центар АСИТЕЖ, во чест на Светскиот ден на детските театри 20 март.

Мирчевска во пораката вели дека театарот е свет без граници, како детската креативност, детската фантазија и чиста љубов која како никогаш до сега ни е потребна.
„Должни сме да им дадеме слобода на изразување и простор каде имагинацијата е реалност, а каде емоцијата не е слабост. Да видат, да слушнат, да почуствуваат сѐ околу себе и во себе. Одведете го детето на театар, или театарот однесете го до секое дете. Вклучете го секое дете во создавањето театар“, вели Мирчевска.

Глумицата додава дека гледањето претстави или впуштањето во процесот на создавање театарска претстава ќе им помогне на децата не само да го осознаат светот туку да се осознаат и себе си.

„Детството, најубавиот период од животот кога се формираат идните ‘големи луѓе’ е период во кој треба да ги насочиме децата, да им овозможиме возбудливи доживувања, одговори на многу животни прашања, но и да создадеме индивидуалци со вистински вредности. Театар за секое дете од градските и руралните средини.

Децата се нашата иднина, а за да имаме убава иднина треба да се вложиме денес. Театарот е убавина која им ја должиме на децата“, вели Мирчевска во пораката.