Петтото издание на џез фестивалот „Крај Вардарот џез“ ќе се одржува од 20 до 27 април во Филхармонијата и во едукативниот културен центар „Лабораториум“ во Скопје. Со тоа продолжува едно од делата на неодамна починатиот Мирко Попов, кој беше еден од творците и организаторите на овој фестивал.
Програмата ќе биде поделена во три вечери, при што на отворањето на 20 април во „Лабораториум“ ќе настапи домашниот квартет „Кобалт код јунит“.
На 23 април во Филхармонијата (20 часот) ќе се изведе музичко-поетскиот проект „Мирисот на липите“, во кој учествуваат пијанистката Дуња Иванова и Тина Иванова како нараторка. Од 21 часот, Биг бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски ќе ја свири музиката на легендарниот композитор Кире Костов.
Последната вечер е во „Лабораториум“ на 27 април. Прво ќе настапи „Маседонијан фри сосаети“ (Macedonian Free Society), кој претставува соработка на некои од најактуелните македонски џез музичари: Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ, Нинослав Спировски, Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Гоце Наумов, Глигор Кондовски и Благојче Томевски.
Фестивалот ќе се затвори со изведбата на „Поетроника“, поетско-музички перформанс на актерот Оливер Митковски и музичарот Андреја Салпе (фото).