Скандинавската џез сцена ја презема втората вечер на 45. издание на Скопскиот џез фестивал со три концерти во Националната опера и балет.
Од 20 часот настапуваат Норвежаните Ејвинд Орсет (гитара, електроника) и Јан Банг (семплирање), чие дуо „Дрим лоџик“ е именувано според албумот на Орсет од 2012.
„Музиката се состои од елементи кои се оддалечени едни од други по време и жанр, од даб, современа класична музика, норвешка народна музика, па сè до поп-музиката од 1950-тите, обединети преку препознатливата техника на семплирање на Банг и непрекинатото истражување на гитарата од страна на Орсет“, се вели во најавата на концертот.
Исландското дуо Скули Сверисон-Олоф Арналдс настапува од 22 часот. Сверисон е композитор и басист кој соработувал со бројни славни имиња од џезот, додека Арналдс е мултиинструменталистка со магичен, надреален глас, како што го опишуваат светските медиуми.
Јан Банг (фото) ќе има уште еден настап вечерва, на полноќниот концерт на малата сцена во НОБ, со неговиот сонародник Ерик Хоноре. Тие нема да свират на инструменти, туку нивниот настап ќе биде ремиксирање во живо, концепт врз кој се темели фестивалот Пункт во Кристијансанд, што тие го имаат основано.