ЧЕТИРИ ГОДИНИ НЕМАВ ПЕЕНО ПО ОПЕРАЦИЈАТА НА МОЗОКОТ, НАРОДНАТА ПЕСНА ОД МАЛЕШЕВСКИОТ КРАЈ МЕ ВРАТИ ВО СТУДИО, ВЕЛИ ПЕЈАЧКАТА АНГЕЛА ЗДРАВКОВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По повеќе од четири години пауза од пеењето по операцијата на мозокот предизивикана од инфекција (абсцес), беровчанката Ангела Здравковска ѝ се врати на музиката со преработка на македонската народна песна „Си заљубив едно моме“. Здравковска решила да препее песна од нејзиниот крај, малешевскиот регион, во продукција и аранжман на Диран Тавитјан и симболично да ја промовира токму на Велигден.

„Сестрите Мавровски од село Смојмирово, Беровско, први ја имаат препеано песнава. Моите од мали нозе ми ја всадуваа љубовта кон македонската музика, а татко ми, пред сѐ, песни од малешевскиот крај. Така ја знам и песнава. Кога му пратив на Диран неколку наши песни, беше изненаден од каде ги наоѓам. Штом ја слушна ‘Си заљубив едно моме’ веќе знаеше во кој правец ќе се движиме“, ни рече Здравковска.

Вели дека долго време сакала да соработува со Диран Тавитјан. Нивната комуникација почнала во 2019, кога првпат му пратила порака со идејата која дошла од татко ѝ: преработка на песни од Малешевијата.

„Во тој период Диран беше презафатен и не можевме никако да се договориме. Во 2022, додека бев во Нови Сад (на терапија по операцијата н. з.), Диран ми пиша: ‘Анѓо, кога ќе си спремна, контактирај ме’. Останатото е историја“.

Во октомври 2019, додека била на тим билдинг со колегите во Грција, Здравковска почувствувала големи главоболки, кои станале поинтензивни и почнале да ѝ пречат светлината и метежот. По два дена ја хоспитализирале. По снимката од магнетна резонанца, прва ја дијагностицирала мајка ѝ, која е општа лекарка. Сето ова е сега зад неа, а Ангела сега сака да зборува само за убавите нешта. „Си заљубив едно моме“ е почеток на еден цел музички проект со Тавитјан.

Ангела Здравковска вели дека долго време сакала да соработува со Диран Тавитјан (Фото: Г. В. Прозус)

„Подготвивме неколку композиции кои се фузија на босанова, фадо и џез со етно елементи. Сакам да ѝ дарам на нашата публика пакет од песни кои не се толку познати, а мене ми се драги и на кои ќе им дадеме едно ново руво и прекрасен лик. Чекор по чекор, ќе стигнеме до посакуваното“, вели поп-пејачката.

Здравковска додава дека емотивно го доживеала враќањето во студио по повеќе од четири години.

„Прво, не знаев како да се однесувам со толку многу луѓе. Си реков: ‘Анѓо биди своја и уживај во процесот’. Искрено, не бев спремна за во студио оти четири години немав пеено, но кога го имаш Диран за учител и водич, сѐ е полесно. Песната ја снимив лани во јули, кога сѐ уште се немав подготвено вокално по зафатот од 2019. И тогаш, ова парче песна беше најдоброто нешто што излезе од мене. Рековме дека нема да ја преснимуваме, ова во моментов е мојот максимум и така ќе оди моето ‘совршено несовршенство’. Минатата година, по четири години првпат решив дека ќе се вратам на она со што ги правам луѓето среќни: пеењето. Им го ветив тоа во 2022 на сите кои ми помогнаа да застанам повторно на нозе. Овој проект ви го дарувам вам со огромна љубов“, вели Здравковска.

Ангела лани на Скопскиот маратон (Фото: К. Попов)

Во октомври лани, таа учествуваше на Скопскиот маратон и ја изоде хуманитарната трка од пет километри. До 2022, Здравковска се движела со помош на патерици и лани ни рече дека е горда што со поддршка од најблиските се охрабрила да учествува на маратонот.

Таа е магистерка по право на интелектуална сопственост и работи како правничка во приватна фирма. Има снимено неколу авторски поп-песни.

М. ЏАРОВСКА