ВО ЈАПОНИЈА ЌЕ СЕ ПРОДАВА ЕЛЕКТРИЧНА ЛАЖИЦА КОЈА ЈА НАМАЛУВА ПОТРЕБАТА ОД СОЛ ПРИ ЈАДЕЊЕ

Токио, (Ројтерс)

Јапонската компанија за пијалаци „Кирин“ ќе почне да продава електрична лажица за која истражувачите тврдат дека го подобрува солениот вкус без да се додава натриум во храната. Ова е прва комерцијализација на технологијата што лани ја доби сатиричната ИгНобелова награда, со која обично се наградуваат необични и непотребни истражувања.

„Кирин“ ќе ги продава лажиците „електрична сол“ за 127 долари, во почеток во ограничени количини во Јапонија, но се надева дека бројот на корисниците ќе порасне на еден милион во следните пет години. Продажбите во странство ќе почнат идната година.

Лажицата од пластика и метал е дизајнирана од јапонскиот професор Хомеи Мијашита, кој претходно има создадено и прототип на електрични стапчиња за јадење. Лажицата функционира така што од неа поминува слабо електрично поле за да се концентрираат молекулите на натриум јон на јазикот за да се подобри соленоста на храната.

„Оваа технологија е особено значајна за Јапонија, каде што просечно се консумираат десет грама сол на ден, двојно повеќе од препораките на Светската здравствена организација. Јапонија има култура на исхрана во која се фаворизираат солени вкусови. Токму затоа ја развивме оваа електрична лажица“, велат од „Кирин“.

(Фото: Кирин)