Денеска почнуваат првите содржини од книжевниот и творечки фестивал за деца и млади „YES фестивал! Млади европски приказни, млади креативци“ во Скопје, чиј организатор е издавачката куќа „Чудна шума“. Во рамките на фестивалот ќе има креативни работилници со уметници, писатели и илустратори од Македонија, Словенија и Хрватска, промоции на книги за деца и млади, изложба на илустрации, саемски дел и многу музика.
Придружната програма ќе трае од 6 до 15 јуни и ќе се одвива во книжарницата „Чудна шума“ и во библиотеките „Браќа Миладиновци“, „Другарче“, „Цветан Димов“ и „Страшо Пинџур“, а главната програма ќе се случува во Младински културен центар од 12 до 15 јуни.
„Ова е третото издание на нашиот фестивал за деца и млади и досега имаме најбогата програма. Првпат ни доаѓаат гости од регионот: Ива Безиновиќ-Хејдон и Хана Тинтор од Хрватска и Ида Млакар-Чрнич и Петер Шкерл од Словенија, кои се познати автори за деца, чии книги се наградувани и преведувани низ Европа и пошироко“, вели писателката и главна уредничка на „Чудна шума“, Билјана Црвенковска.