ЈАС НЕ СУМ БИБИ ОД „БИБИ И БОБИ“, ЈАС СУМ ДЕТЕТО ОД „ЧУДНА ШУМА“, ВЕЛИ БИЛЈАНА ЦРВЕНКОВСКА, АВТОРКА НА КНИГИ ЗА ДЕЦА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Билјана Црвенковска, авторката на книгите за деца „Чудна шума“ и дел од авторскиот тим на детскиот проект „Биби и Боби“, првата збирка песни ја напишала на 14 години. Тие песни уште стојат во тетратка во куќата на Водно, каде што живее нејзината мајка. Црвенковска е многу горда на своите дела и на малата книжарница „Чудна шума“ во близина на Универзалната сала во Скопје, во која нѐ пречека на муабет. Нејзината голема инспирација како автор се двајцата дедовци, македонскиот академик и филолог Михаил Петрушевски, и политичарот Крсте Црвенковски. Таа е ќерка на филмскиот режисер Стево Црвенковски, кој во независна Макеоднија беше дипломат и амбасадор, и на професорката и преведувачка Калиопа Петрушевска.

Инспирација на Билјана како автор се двајцата дедовци, академикот и филолог Михаил Петрушевски политичарот Крсте Црвенковски. (Фото: К. Попов)

„Во мојата детска збирка имаше секакви песни, некои беа љубовни, некои посветени на луѓе кои ми се многу драги, како дедо ми Михаил Петрушевски. Тој е класичен филолог, археолог, историчар на уметноста. Дедо ми ги преведе ‘Илијада‘ и ‘Одисеја‘ од старогрчки на македонски, како и Аристотеловата поетика. И денес, тие преводи се сметаат за ненадминати. Тој мене ми беше голема инспирација, и ден-денес чувам книги што тој ми ги подарил. Тој беше човек кој целиот свој живот го имаше посветено на науката за јазикот, но, сепак, тоа е наука“, ни раскажа Црвенковска.

Детската збирка на Билјана не е сѐ уште објавена, а таа низ насмевка вели дека треба да ѝ се наврати и да ја види нејзината сегашна вредност, па можеби еден ден ќе ја сподели и со јавноста.

„Песната за дедо ми беше песна за витез кој е на коњ. На тој витез, на штитот му пишува дека науката е неговиот живот. И тоа дури на латински го имам напишано. Не знам колку е точно, но на латински беше“, се сеќава Билјана за збирката која ја напишала во осмо одделение и оттогаш почнала интензивно да пишува.

Црвенковска е дипломирана професорка по филозофија и магистерка по филозофски науки. Како и секој млад човек, во дваесеттите години кога завршила факултет, како што вели, едниствениот мотив ѝ бил добро да заработува за да може да шета и излегува. Во тој период, се вработила во маркетинг агенција како копирајтер и повторно нејзината работа била поврзана со пишување, но со пишување реклами. Црвенковска не се пронашла во таа работата, па работела и како новинарка, но во лош период, кога многу медиуми почнаа да се затвораат. Тој премин од маркетинг во новинарство ја донел во издавачката куќа „Арс Ламина“, каде што работела како уредничка за литература за деца.

„Кога излезе еден конкурс на Министерството за култура ме прашаа дали имам напишано нешто свое. Јас имав напишано еден куп работи. Првата идеја со Игор Исаковски, кој ми беше многу добар другар, беше моја збирка да излезе во ‘Блесок‘ и двапати се обидовме да конкурираме во Министерството и двапати бевме одбиени“, вели Црвенковска.

Уредувајќи литература за деца, се сетила дека има напишано некои драмски текстови. Кога прочитала еден од текстовите, сфатила дека сака да го промени и текстот да не биде драмски, туку роман. Конкурсот од Министерството за култура го пропуштила, но ѝ излегол романот ‘Што сонуваше Дедо Мраз‘, првото нејзино дело за деца. Вели дека е горда на овој роман кој се обработува во едно приватно училиште како дел од задолжителната настава.

„Измислив еден град во кој живее Дедо Мраз и децата според приказната правеа цели макети на тој град и цртежи“, вели Билјана.

Сите мислат дека името Биби е дадено по мене, но тоа не е точно, тоа е проект на „Светот на Биби“, но јас го осмислив ликот на Боби, вели Црвенковска

Во меѓувреме, почнала да пишува сценарија за серии за деца. Половина од сценаријата се за серијата „Зоки Поки“. Оливера Николова, авторката на познатата книга, се согласила според нејзините приказни да се направат нови сценарија кои се случуваат во денешно време. Црвенковска ѝ е многу благодарна за тоа. Вели дека е блиска со Николова, ја почитува и ја сака, и двете си ги читаат романите една на друга.

„Во меѓувреме, работев и на серијата ‘Пет плус фамилија‘, а потоа дојде ‘Светот на Биби‘. Дечките од Факултети.мк ме викнаа еден ден да се запознаеме со идеја дека сакаат да направат некаков лик. Биби веќе беше нацртана и ѝ беше дадено име Биби. Илустраторот Михајло Димитриевски познат како Тхе Мичо веќе беше дел од проектот и така почна идејата за ликот. Јас го доразвив ликот, дел од ликовите ги ссмислив јас, дел ги смисли Мичо. На пример, ликот на Боби е мој, како и добар дел од ликовите во шумата, но Мичо ги смисли зазулчињата“, ни раскажа Црвенковска.

За ликот на Биби, кој се поклопува со нејзиниот прекар, Билјана вели дека тоа е случајност.

„Сите мислат дека името Биби е дадено по мене, но тоа не е точно. И не личи на мене, јас имав светла коса како дете. Тоа е проект на ‘Светот на Биби‘, јас сум автор и креатор, тоа во авторскиот јазик се вика креатор на серијата. Но, продуцентите се оние кои го создадоа проектот“, вели Црвенковска.

Со театарскиот режисер Бојан Трифуновски, кој работи како сценарист на дел од серијата, подготвуваат долгометражен цртан филм „Биби и Боби“.

„Биби е прекрасен производ, правен е по шемата на ‘Дизни‘, но популарен, покомерцијален. Таму има цртани филмови, сликовници, кукли… Сето тоа е еден успешен модел кој го гледаме секаде во светот. Успешен е и бидејќи е прв таков производ на македонски јазик и затоа што има добар тим“, вели Црвенковска.

Црвенковска ги коментира споредбите на „Светот на Биби“ со „Бушава азбука“, која за неа е поуметнички производ и промоција на македонскиот јазик. „Чудна чума“ минатата година ја реиздаде „Бушава азбука“, култната книга на Горан Стефановски.

„‘Чудна шума‘ ја креиравме заедно со мојот партнер, фотографот и дизајнер Кире Галевски, кој веќе имаше свое дизајн студио. Решив дека веќе не треба да работам за други и да направам нешто свое. Решивме да се фокусираме 80 проценти на книжевноста за деца и 20 на книженоста за возрасни. Главно издаваме домашни автори, но има и преводи“, вели Црвенковска.

Интересна е приказната како настанало името „Чудна шума“. Клучно било кога се давало името да се нагласи нивната љубов кон книгите, но и кон визуелниот израз, кој за нив е многу важен. Сакале и во името на книжарницата да се види и нивната љубов кон природата и животните.

За себеси, Билјана вели дека е едно дете кое никогаш не порасна и си го негува детето во себе. (Фото: К. Попов)

„Шетавме во една друга земја, во една голема и убава книжарница и Кире рече: ‘Знам како треба да се вика, ‘Чудна шума‘, бидејќи во неа има сѐ, и книги и луѓе и животни‘. Ова се случи пред шест години, а ние ја сакаме и песната ‘Чудна шума‘ на ‘Дисциплина кичме‘“.

Логото со трите дрвја станал заштитен знак на нивниот бренд и потоа целата книжарница е уредена така што потсетува на шума.

Сликовницата „Невидливата куќа“, што ја направиле со Ване Костуранов, а раскажува за девојчето Кала која поради војна ја напушта својата куќа, доби неколку награди.

„Ова е приказна за миграција, за едно девојче кое си ја замислува својата куќа затоа што не може да ја има и се наоѓа во опасни ситуации. Повеќето родители кога ќе ја видат сметаат дека е премногу мрачна, но само кај нас уште владеат тие предрасуди дека децата треба да слушаат и да читаат само весели работи, што е сосема погрешно и спротивно од светот. Светските психолози препорачуваат дека децата треба да слушаат секакви приказни за да развијат емпатија за полесно да се соочат со потешка ситуација. Оваа сликовница во Германија е објавена во тираж од илјадници примероци и во секоја земја каде што се зборува германски. Во Германија, сега излезе и мојот роман ‘Ѕвезда мрак и суштествата од Страшкоград‘“. ‘Невидливата куќа‘ во меѓувреме излезе во Словенија, Хрватска и Турција, а ‘Ѕвезда мрак и суштествата од Страшкоград“ ќе излезе и во Хрватска. Двојазичната сликовница која излезе на македонски и албански ‘Нела, Кмела и бушавата бура‘ исто така ќе се преведува во Хрватска и Словенија. Во меѓувреме пишувам и за возрасни, имам веќе два романа, ‘Девет приказни за госпоѓица Сит‘ и ‘Куќа над брановите‘. И двата влегоа во потесниот избор за Роман на годината за 2019/20. Првиот роман е веќе преведен на српски и украински, а германското издание се подготвува“, вели Црвенковска, која држи часови за креативно пишување за деца и тинејџери.

За себеси, Билјана вели дека е едно дете кое никогаш не пораснало и си го негува детето во себе. Вели дека и нејзиниот друг дедо Крсте Црвенковски ѝ бил голема инспирација.

„Тој ја имаше една од најголемите приватни библиотеки во Македонија, постојано купуваше книги, а и многу му подаруваа. Беше пријател со многу писатели. Кај нас дома постојано доаѓаа Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски и други. Нема писател или уметник кој не дошол. Почнал да студира филозофија, исто како мене, но не завршил и тоа му беше голема мака што не успеал да заврши. Почнала војната, а потоа имал други обврски. Во неговата огромна библиотека ги имаше сите можни филозофски книги и многу други книги. Кога студирав филозофија, ги читав сите книги од неговата билблиотека“, раскажува таа за својот дедо.

Најголемиот фокус на Билјана во моментов е да заживее и да се развива нејзината кафе- книжарница, која што е и галерија, уметничко студио и место каде што се поддржуваат малите бизниси како накит и рачно изработени кукли.

М. ЏАРОВСКА

ФОТО: К. ПОПОВ