ОФФ-ФЕСТ ГИ НОСИ ЈАЗИКОТ ХАРУКУ И ЕТИОПСКИТЕ МУЗИЧКИ КОРЕНИ НА ВТОРАТА ВЕЧЕР

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Втората вечер на 23. издание на Офф-фест се отвора со холандскиот бенд „Бои аки“, чиј настап е закажан од 20 часот во Националната опера и балет.

Овој состав повеќе од 25 години го предводат пејачката Моника Акихари и гитаристот и композитор Нилс Броувер и во нивната музика можат да се почувствуваат примеси на музичките традиции од сите страни на светот, како индиската, меланезиската, африканската и европската, но и импровизации.

Овој звук ги обединува акустичните и електронските звуци со сестраниот, топол глас на Моника Акихари, која понекогаш пее на англиски, а понекогаш на харуку, јазикот на островот на нејзиниот татко“, велат од Офф-фест.

Од 22 часот е концертот на француско-етиопскиот бенд „Куту“ (фото). Тој бил формиран во Адис Абеба од францускиот композитор и виолинист Тео Секалди, откако го открил гласот на рок-пејачката Хејван Гебреволд.

Заедно, тие се впуштија во авантура на создавање нов импровизаторски концепт кој ги спојува азмари и етиопските џез корени со поезијата и грувот на светската урбана култура. Од поезијата на денешнината и селекцијата на етиопски племенски ритми, Секалди гради сончев систем во кој се соединуваат импровизацијата, галопирачките вокали и панк енергијата, поддржани од моќна ритам секција“, стои во најавата на концертот.