ВИСКИТО „ЏОНИ ВОКЕР“ ДОБИВА ЖЕНСКА ВЕРЗИЈА – „ЏЕЈН ВОКЕР“

Лондон, (Гардијан)

Легендарниот бренд на виски „Џони вокер“ ќе добие своја женска верзија во САД, наречена „Џејн вокер“.

Ограничена верзија на неговото 12 години старо виски „блек лејбл“ ќе содржи женска силуета на етикетата и ќе биде лансирана во март, за да ги слави жените.

„Како бренд кој успешно функционира речиси 200 години, ‘Џони вокер‘ со гордост го прави овој чекор напред, претставувајќи го ‘Џејн вокер‘ како уште еден симбол на нашиот прогрес“, соопшти лондонскиот сопственик „Дијагео“.

Првата промена во логото по повеќе од еден век доаѓа додека „Дијагео“ и неговите конкуренти се обидуваат да привлечат повеќе женски пијачи.

За секое продадено шише на „Џејн вокер“, компанијата ќе донира еден долар на организации кои поддржуваат женски цели. Тој треба да излезе на 1 март, во пресрет на Меѓународниот ден на жената.

„Џони вокер“ почна да се произведува во 1820 година во шкотскиот град Килмарнок и е еден од најстарите брендови на „Дијагео“.