ПО 20 ГОДИНИ „АРХАНГЕЛ“ НАСТАПУВА ВО БИТОЛА НА ФЕСТИВАЛОТ „БИТОЛА ОТВОРЕН ГРАД“

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Македонските рок бендови „Ареа“ и „Архангел“ ќе бидат главните музички ѕвезди на 23. издание на Меѓународниот арт фестивал „Битола отворен град“ (БОГ), што се одржува од 26 до 29 јуни. Ова ќе биде прво гостување на „Архангел“ во Битола по 20 години. Музичкиот хепенинг е закажан за 28 јуни од 20 часот на Ракометното игралиште.

Вечерта ветува дека ќе биде спектакуларна прослава на македонската урбана музика, па диџеј сет ќе има познатиот Ile the Hair, кој ќе одбележи 30 години од првото издание на македонскиот техно албум „И по Тито техно.

Фестивалот го организира МКЦ Битола, а извршниот директор Златко Талевски истакна дека посветеноста на фестивалот е да испорача врвна музика и концертна продукција.

И оваа година нашиот настан ги исполнува светските стандарди за звук и сцена, обезбедувајќи незаборавно искуство за нашата публика”, рече Талевски.

Битола отворен град“ започна вчера со изложба на стрипови, на која беа претставени дела од новата генерација македонски стрип уметници. Денеска за првпат на фестивалот е организиран саем на креативни индустрии, со повеќе од 10 излагачи од светот на модата, дизајнот и одржливите практики, по што следува мултимедијален перформанс на диџеј Бајно од Белград.

В сабота ќе има изложба на млади уметници од креативниот камп „БОГ 2024“, проекција на краткометражниот игран филм „Слобода“ на режисерот Златко Ѓелевски и концерт на бендовите „Параноја“, „Цар вон тајм“ и „Сан шифт“ во Скејт паркот.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

Фото: Фејсбук/К. Галевски