ВО ЈУЛИ КОНЦЕРТ СО „ДНК“ ВО ОХРИД, А ОД ЕСЕН ЌЕ ИМА НОВИ ПЕСНИ, ВЕЛИ РАПЕРОТ ВРЧАК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Раперот Раде Врчаковски-Врчак заедно со аренби дуото „ДНК“ ќе одржи концерт во Охрид на 29 јули, на плажата Голден бич од 21 часот. Пред нив, настап ќе има диџејот Ајри Скреч.

„Идниот месец ќе имам концерт во Охрид со ‘ДНК‘, а од септември се враќам со нови песни“, најави Врчак.

При крајот на минатата година, тој по долги години сними нова песна, „Посреќна“ во дует со „ДНК“. На манифестацијата Златна бубамара на популарноста во февруари годинава, Врчак и „ДНК“ добија награда за песна на годината за „Посреќна“. Автор на музиката и аранжер е Лазар Цветкоски, а текстот го напишаа Врчак и Владимир Блажев-Панчо.

„ДНК“ и Врчак ја ставија на аукција статуетката од „Златна бубамара“ и ја продадоа за 250.000 денари, а парите ги донираа за лекување на Леонид Индов (Фото: Фејсбук)

„Се радувам што добивме награда за песна на годината. Подгответе се за нови хитови. Наградата ќе ја донираме за да се соберат средства за хуманитарни цели“, ни изјави Врчак тогаш.

„ДНК“ ја стави на аукција статуетката од Златна бубамара, која се продаде за 250.000 денари. Парите ги донираа за лекување на Леонид Индов.