ЗА ОСМИ МАРТ ЌЕ СЕ ИЗБИРААТ КУЛ БИТОЛЧАНКИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

За 8 Март, Организацијата на жени од Битола ќе избира кул битолчанки. Тоа ќе бидат жени кои направиле посебни дела за градот и за доброто на битолчани.

Според Светлана Петковска, претседател на Организацијата која постои 70 години и брои неколку стотици членови, во конкуренција влегуваат медицински сестри, докторки, готвачки, професорки, воспитувачки и жени од многу други професии.

„Во најтесна конкуренција влегоа дваесетина жени, кои ќе добијат благодарници. Меѓу нив се лекарка која и на полноќ стентира битолчани во Клиничката болница, готвачка која нѐ претставуваше на натпревар во Турција и таму беше наградена, професорка која пешки одела со километри за да ги описменува децата низ битолските села и други благородни жени“, вели Петковска.

Изборот ќе се одржи во вторник, во 17 часот, во библиотеката „Св. Климент Охридски“ во Битола. Празнувањето се вика „Малку поинаков женски активизам“ и ќе трае три дена, преку активности за спојување на „старата гарда“ учители и новите наставници, трибини, крводарителска акција, за која веќе се пријавиле триесетина жени и други настани.

Според Организацијата на жени, ова е начин за Денот на жената да се вреднуваат нејзините квалитети, а не тој да помине само со прослава по кафеани.

Ж. ЗДРАВКОВСКА