СИНДИ ЛОПЕР ГИ ПРОДАВА СВОИТЕ ЛЕГЕНДАРНИ КОСТИМИ И ЛИЧНИ ПРЕДМЕТИ НА АУКЦИЈА ВО ЊУЈОРК

САД, (Гардијан)

Американската пејачка Синди Лопер (73) стави на аукција дел од своите најпознати сценски костими, облека од музичките спотови и лични предмети што ги собирала во текот на повеќе од четири децении кариера. Аукцијата насловена „Синди Лопер: Куфер со спомени„ се одржува во аукциската куќа „Бонамс“ во Њујорк.

Меѓу предметите што ќе се продаваат се леопардовите пижами на нејзината баба, кои Лопер ги носеше во спотот за големиот хит „Girls Just Want to Have Fun“ од 1983, како и необичното здолниште направено од весници, кое го носеше за албумот „True Colors“ од 1986. Во колекцијата се и сценски костими, накит, рачно напишани текстови на песни, фотографии и облека од познати модни дизајнери.

„Го направив ова за да ги инспирирам луѓето. Постарите да се потсетат на индивидуалноста на креативноста, а младите да откријат дека креативноста е индивидуална“, рече Лопер за „Гардијан“.

Пејачката, позната по ексцентричниот стил, шарената коса и необичните модни комбинации, вели дека во 1980-тите имало многу повеќе слобода во изразувањето.

„Станавме премногу корпоративни, како да имаме протези на мозоците. Би било убаво понекогаш да можете да размислувате со своја глава“, рече таа.

Меѓу предметите се и црвениот кариран фустан што го носела на првото доделување на музичките награди на МТВ во 1984, како и костими и модни парчиња од дизајнерите Вивиен Вествуд и Александар Меквин.

Аукцијата се одржува во два дела. Првиот е во аукциската куќа во Њјоркс, а вториот онлајн. Настанот се совпаѓа со 40-годишнината од објавувањето на албумот „True Colors“.

Лопер, која се повлече од концертните настапи минатата година, има продадено повеќе од 50 албуми во светот.

 

Фото: Г. Бонамс