ХАРИ И МЕГАН ЌЕ ПОКАНАТ 2.640 ОБИЧНИ ЛУЃЕ НА СВОЈАТА СВАДБА

Лондон, (АП)

Принцот Хари и Меган Маркл ќе го отворат просторот на замокот Виндзор за 2.640 луѓе од сите сфери на животот за нивната свадба на 19 мај, за да учествуваат во прославата на нивниот голем ден, објави палатата Кенсингтон.

Гостите, кои ќе пристигнат од целата Велика Британија, ќе имаат можност да го гледаат доаѓањето на младоженецот и невестата и потоа да ја проследат нивната поворка по завршувањето на церемонијата.

Во оваа бројка не влегуваат гостите кои ќе бидат поканети да присуствуваат на венчавката во капелата Сент Џорџ, која има околу 800 седишта.

„Принцот Хари и Меган Маркл сакаат нивната венчавка да биде обликувана така да може и јавноста да биде дел од церемонијата. Оваа венчавка, како и секоја друга, треба да биде момент на радост и забава, кои ќе ги отсликуваат карактерот и вредностите на младоженците“, соопшти кралското семејство.

Околу 1.200 од поканетите ќе бидат од општата јавност, 200 ќе бидат од хуманитарните и други организации поддржани од Хари и Меган, како и локални училишни деца, жители на Виндзор и членови на кралското домаќинство.