ВО ВЕЛЕС ИЗЛЕГОА СЕДУМ НОВИ СТРИПОВИ СО МАКЕДОНСКИ СТРИП ЈУНАЦИ

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Седум нови стрип изданија од македонски автори излегоа од печат, дело на Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес. Тие се едни од малкуте издавачи во Македонија, кои секоја година издаваат стрипови на македонски јазик. Стриповите може да се набават преку изадвачот или во стрип книжарницата „Бункер “ во Скопје.

„Годинава излегоа седум изданија, што досега не се случило. Има стрипови за секчиј вкус, за различни возрасти. Љубителите на стрипот ова лето ќе може да читаат стрипови со македонски стрип јунаци“, кажа Ване Трајков, директор на Стрип центарот.

Издадени се 35 стрипови наградени на конурсот кој е дел од Меѓународниот салон за стрип.

Промовирана е и стрип книгата „Историски стрипови“ на македонскиот академски сликар Коле Манев. Тоа се негови стрипови кои излегле во списанието „Детска радост“ и во весникот Нова Македонија, но поради неможноста да се дојде до оригиналите, тие се пронајдени преку списанието „Наш свет“. Во стриповите на Манев има приказни за Цар Самоил, Григор Прличев, Страшо Пинџур и други значајни личности. Издадени се и стрипови на Јован Мансиевски,  Миле Топуз, и на младата авторка Ања Тановиќ од Нови Сад.

 П. ПЕЧКОВ