Членовите на „Леб и сол“ се презадоволни од настапот во Хрватска, во паркот Орсула во Дубровник и велат дека организацијата била на високо ниво.
„Орсула е концертен простор над градот, над самите карпи, спроти островот Локрум. Концертот беше прекрасно искуство пред прекрасна публика, која беше вчудовидена до последната нота. Воодушевени сме од приемот, целосната организација беше на врвно ниво. Паркот беше полн“, велат „Леб и сол“.
Во сегашната постава на „Леб и сол“ се Бодан Арсовски, Кокан Димушевски, Димитар Мичо Божиков и Михаил Парушев. Бендот гостуваше на концертот на Горан Бреговиќ и неговиот „Оркестар за свадби и погреби“ на 23 март во Скопје.
Настанот на кој настапи „Леб и сол“ се вика „Лето на Орсула“ и од крајот на јуни се одржуваат концерти на регионални музичари. Фестивалот го отвори Рамбо Амадеус.
М. ЏАРОВСКА