СОПРУГАТА ПРИРОДНО ЗАБРЕМЕНИ СО ТРОЈКИ И СЕГА ВЕЌЕ НЕ МОРАМ ДА БАРАМ МУЗИЧАРИ ЗА БЕНД, ВЕЛИ САКСОФОНИСТОТ ГОРАН ПАПАЗ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Саксофонистот Горан Папаз во август ќе има два настапи на приватни настани во Италија, а паралелно работи и на нова музика. По потекло е од охридско Пештани, а со сопругата за која неодамна објави дека е бремена со тројки, сега живее во Радишани во Скопје.

„На крајот на месецов имам два настапи во Италија, потоа кај нас во Македонија си продолжувам со веќе активната агенда. На нов материјал се работи активно, се надевам во октомври ќе го пуштам новиот сингл, да се смират малце жештините“, вели Папаз. Музичарот ни рече дека во Македонија може да живее само од музика, ако како што вели „се пружа ногата до каде што е чергичето“.

„Јас живеам само од музика, и мислам дека секој може да живее од тоа што го сака, тоест да го работи она што го прави најсреќен. Можеби нема да ги направам милионите, но сум среќен со тоа што го имам. Ногата си ја пуштам до кај што ми е чергичето“, вели Папаз. На 26 јули, тој во Античкиот театар во Охрид му беше гостин на концертот на Влатко Стефановски. Нивната соработка започна во 2022.

„Пред две години, на мое големо задоволство Влатко прифати да ми гостува на мојот претпоследен сингл, ‘Овој момент’. И оттогаш па навака се местат коцките. Ќе му бидам гостин и на неговиот најнов албум кој е во подготовка. Последно беше гостувањето на концертот во Охрид, и да бидам искрен соработката со него ми е најголема награда за сиот труд кој го имам вложено во музиката“, ни рече Папаз.

„Вака изгледа скрининг на три бебиња“, напиша Папаз до сликата од сопругата Наташа (Фото: Фејсбук)

Неодамна, тој на социјалните мрежи објави дека неговата сопругата Наташа која е адвокат е бремена со тројки. Во објавата, музичарот напиша дека иако велат дека шансите за природна тројка се 1 на 10.000, тие победиле.

„Го решив проблемот со барање музичари за бенд“, се пошегува Горан Папаз кој има син.

„Двајцата бевме среќни, збунети и малце исплашени, бидејки е реткост. Не познаваш многу примери околу тебе за да те советуваат од искуство, самата бременост по себе носи ризици и за бебињата и за мајката. Но, сега веќе кога знаеме дека е сѐ во ред со бебињата и со мама, не сме веќе збунети, туку само среќни. Четири, не сум помислувал на таа бројка иако многу сакам деца. Подготвен нема да бидам дури не ги фатам во раце трите. Среќа е што Дамиан  е веќе момче па ќе ни помага и ќе се вртка околу нив“, вели Горан Папаз.

Дел од летото, тој го помина во родното Пештани.

„Живееме во Скопје, во Радишани. Убаво е да се гледа Скопје од ‘горе’. Во мое Пештани одиме кога сме слободни и кога е неиздржливо жешко или загадено“, ни рече саксофонистот.

М. ЏАРОВСКА