Актерот Марко Јанкетиќ на 25 ноември од 20 часот во Националната опера и балет ќе ја изведе мултимедијалната монодрама „Мрки, не ти раскажав“, посветена на неговиот покоен татко, познатиот српски актер Миша Јанкетиќ. На прес-конференцијата во Скопје, Јанкетиќ зборуваше за личните мотиви за создавањето на претставата и за зборовите што не успеал да му ги каже на татко му.
„Претставата е мој начин да го кажам она што немав можност да му го кажам на мојот татко. Тоа е катарзично патување низ сеќавањата, а целата емоција на сцената ја надополнуваме со музика во живо, заедно со бендот кој е постојано со мене“, рече Јанкетиќ.

Актерот најави дека публиката ја очекува емотивна приказна исполнета со смеа, солзи, семејни анегдоти и сеќавања.
„Имам посебна трема и возбуда пред настапот во Скопје. Македонската публика е позната по тоа што има истакнат сензибилитет и висок критериум за театар и музика“, рече актерот.
Режијата на претставата е на актерката Анѓелка Стевиќ-Жугиќ, а сценскиот концепт обединува актерска игра, визуелни ефекти и музика во живо. Монодрамата досега се изведувала пред распродадени сали во Србија и Црна Гора.
М. ЏАРОВСКА