ЛИСАБОН ПРВПАТ ПРОГЛАСЕН ЗА НАЈДОБРА КУЛИНАРСКА ДЕСТИНАЦИЈА ВО ЕВРОПА

Париз, (Јуроњуз)

Лисабон за првпат ја освои наградата за најдобра кулинарска дестинација во Европа на Светските кулинарски награди. Главни конкуренти на Лисабон на церемонијата во Дубаи беа Барселона, Копенхаген, Фиренца, Лондон, Париз и Виена.

Гастрономијата е еден од клучните елементи кога се избира дестинација за патување и Лисабон одамна е познат по својата разновидна и висококвалитетна понуда. Од типични и локални ресторани со традиционална храна до препознатливи ресторани и готвачи со ѕвезди на Мишелин кои ги реинтерпретираат класичните вкусови, Лисабон нуди широк избор кој привлекува посетители од целиот свет.

„Горди сме што идентитетот и традициите на Лисабон првпат се почестени во овој сектор. Тоа е признание за квалитетот на гастрономијата по која Лисабон е толку добро познат и награда која ги охрабрува сите професионалци кои ја одржуваат во живот“, изјави градоначалникот на Лисабон, Карлос Моедаш.

Уште еден португалски град доби високо признание во Дубаи, откако Порто беше прогласен за најдобра европска кулинарска дестинација во подем.

(Фото: АП)